Граѓаните негодуваат на скапотијата, од петок трговците имаат законска обврска јавно да ги објават цените
Инфлацијата на годишно ниво е намалена на 2,7 проценти – власта е уверена дека ова е резултат на одлуката за ограничување на маржите, која како што рече министерот Дурмиши дава резултати. Граѓаните, пак, негодуваат на скапотијата. Од петок, трговците имаат законска обврска јавно да ги објават цените.

Сите маркети, аптеки и продавници за бела техника од петок задолжително ќе мора да ги ажурираат и објават цените на производите на веб-страниците. Тоа треба да го направат на јасен и достапен начин, без потреба од регистрација или дополнителна најава.
Во објавените цени треба да е наведен називот на производот, продажната цена со ДДВ, единечна цена по килограм, литар, метар, да има опис, достапност во продажниот објект.
Ако маркетите не се подготвени од петок редовно да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници, Државниот пазарен инспекторат соодветно ќе постапува врз основа на надлежностите што ги има според Законот за потрошувачите.
Што се однесува за продолжување на кошниците што беа воведени за Рамазан и Велигден, а кои завршуваат на 30 април, Дурмиши рече дека согласно податоците од Државниот завод за статистика, во март инфлацијата е намалена на годишно ниво.
Граѓаните велат дека е добро што цените ќе бидат јавно објавени, но пред празниците, се било покачено за трговците да ќарат некој денар повеќе.
Согласно Законот за прекршоци, казните се движат од 500 до 10.000 евра, а воведена и поригорозна мерка за затворање на маркетот на 15 дена.
Борис Грујоски
