Големи туристички потенцијали на Дебарскиот регион - потребна е промоција!

10.08.2014 17:43

На крајниот запад од Македонија, под сенките на Кораб, а покрај бистрите води на Радика која го полни Дебарското езеро, има огромни потенцијали за развој на туризмот. Засега посетите главно се кон лековитите бањи, но со добра промоција, овој прекрасен регион може туристички да се развива...

Недоволно откриен, се уште без соодветна промоција, но еден од нај убавите предели во Македонија. Тоа е дебарскиот регион, онаму каде што Кораб благо се надвиснува над прастарата градска населба и над живописното езеро што го создала убавицата Радика. На крајот од својот пат, таа го создала Дебарското Езеро, кое освен економско-енергетскиот,  полека го креира и својот  туристичи имиџ. На самиот брег на езерото засега нема сместувачки капацитети кои што ќе понудат подолг одмор. На патниците на располагање им е само еден ресторан во кој најчести гости се гурбетчиите од овој крај,намерниците од нашите градови, но се повеќе и странските туристи. 
 
„Со агенциите од Охрид и Скопје што им доаѓаат таму и овие што доаѓаат преку Дебар и одат во Св. Јован Бигорски, и на враќање идат тука, на кафе, доручек, ручек. Повеќе има Израелци, Холанѓани, имаме повеќе што ни доаѓаат со таксисти од Охрид- Холанѓани и Германци“, вели Ружди Цами, сопственик на ресторан на Дебарско Езеро.
 
Дебар и околината ја имаат можеби во нашата земја, најживописната природа, но исто така ги имаат нај познатите извори богати со минерали и со сулфур. Тука се наоѓаат и познатите Дебарски бањи кои се единствен сместувачки капацитет во овој регион. На луѓето им нудат рекреација но и рехабилитација.
 
Лековитите води скротени и уредени во објектите на Цапа и Бањиште се постојано полни со гости.
 
„Природата е многу убава, планинскиот предел е прекрасен, има тука лековити билки, покрај тоа што минералната вода е лековита“, вели посетителката од Хрватска.
 
„Јас мислам дека е една од најдобрите бањи во Европа по лековитост, по минералните извори, бидејќи содржи големо количество на сулфур“,  вели Марика Ванчоска од Кичево.
 
Бањите остваруваат близу 80 илјади ноќевања годишно. Освен за нашите пензионери, кои овде доаѓаат преку владиниот проект, вратите се почесто им се отвораат и на странски гости,одушевени од лековитоста на водата и убавината на природата.
 
„Најголем дел од клиентите ни се странски над 60% претежно од регионот, од соседството Косово и Албанија меѓутоа има доста клиенти кои ни доаѓаат од Европа“, изјави директорот на дебарските бањи, Трим Ќемали.
 
Интересот на туристите постои. Потребна е позасилена промоција на овој прекрасен предел кој ќе предизвика заинтересиранот кај инвеститорите за изградба на сместувачки капацитети. На потег е општина Дебар. 
 
 
 
Јованчо Наумоски