Ирачките џихадисти убија над 500 Јазиди

10.08.2014 17:55

Преку 500 затвореници од христијанското малцинство Јазиди се убиени од џихадисти од ИДИЛ во последните неколку дена, 40 од нив деца...

На територијата под контрола на Исламистите се множат масовните гробници. Претходно брутално избркани од нивните домови, во офанзивата во северен Ирак, голем дел од ирачките христијани се најдоа заглавени на планината Синџар во обид да преминат на Курдска територија. Тие што не успеаја, се најдоа на овие морбидни фотографии на исламистите. Казната за тие кои не го почитуваат и следат Алах е сурова смрт - објаснува терористичката група.

Една од жените од малцинството Јазиди била силувана додека нејзиниот маж бил касапен.

„Изборот е еден...или да се замине, или сигурна смрт“, вели еден припадник на малцинството Јазиди.

„Сите ирачки Христијани имаат само една мисла на ум. Да се избега во било која друга земја“, додава една жена.

Јазидите се едно од многуте ирачки малцинства прогонувани од ИДИЛ, фундаменталистичка гранка на Сунитскиот Ислам. На луѓето што живеат на териториите што ги контролираат овие милитанти им се нуди или да преминат во нивната вера или да се соочат со смрт.

Ова досега натера на бегство стотици илјади Ирачани. Многумина од нив побараа засолниште во ирачки Курдистан, каде што полицијата со недели се бори со ИДИЛ.

Во меѓувреме американската војска продолжува да ги бомбардира позициите на вооружените екстремисти. До сега се уништени оклопни возила и еден камион од кој било пукано кон цивили.