Македонија

Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани, тврди Обвинителството

17.04.2025 12:09

Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласувања со правната квалификација, тврдат од Обвинителството, откако ДУИ излезе со информација дека еден јавен обвинител кој бил дел од предметот се повлекол поради несогласувањата околу квалификација на делото, трпејќи политички притисоци...

Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласувања со правната квалификација, тврдат од Обвинителството, откако ДУИ излезе со информација дека еден јавен обвинител кој бил дел од предметот се повлекол поради несогласувањата околу квалификација на делото, трпејќи политички притисоци. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција само еден обвинител постапува за кочанската трагедија.

Интегративците утрово реагираа на одлуката, речиси сите приведени да бидат пуштени, освен поранешниот министер за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ кој и понатаму останува во притвор.

Според партијата, не се работи за индивидуален случај, туку за селективна правда, која станува алатка за политички притисок и елиминација. Откако се прошири истрагата за несреќата во кочанската дискотека на уште седуммина полицајци, вкупниот број на осомничени полициски службеници се искачи на 14.

Обвинителството побара на сите да им бидат определени мерки за претпазливост, со што беа укинати и притворите на полицајците осомничени во претходната истрага.

Од Обвинителството информираат дека сè уште се прибираат докази во истрагата за пожарот во „Пулс“. Досега за потребите на постапката се издадени наредби за анализа на податоци од преку 70 мобилни телефони и 30-тина десктоп и лаптоп компјутери.