Царините на Трамп го тресат светот, Светската трговска организација прогнозира дека глобалната трговија годинава ќе се намали
Царините на Трамп го тресат светот. Поради високите тарифи, Светската трговска организација прогнозира дека глобалната трговија годинава ќе се намали. Светските лидери во обид да ги намалат штетните економски влијанија организираат состаноци со американската администрација.По Јапонија, на директни преговори во Вашингтон, италијанската премиерка Мелони …

Глобалната трговија годинава ќе се намали поради царините наметнати од американскиот претседател, прогнозира Светската трговска организација. Влијанието на неодамнешните промени во трговската политика варира во различни региони. Организацијата очекува американскиот увоз од Кина која се соочува со највисоки тарифи нагло да падне во секторите како што се текстил, облека и електрична опрема.
„Додека американско-кинеската трговија сочинува само околу три насто од светската стоковна трговија, раздвојувањето на двете главни економии може да има далекусежни последици“, изјави Нгози Оконџо-Ивеала, генерален директор на СТО.
„Нашите симулации покажуваат дека несигурноста на трговската политика има значително потиснувачко влијание врз трговските текови, го намалува извозот и ја слабее економската активност“, изјави Ралф Оса, главен економист на СТО.
Од Пекинг велат дека се отворени за консултации, но нема да обрнуваат внимание на американската игра со бројки, откако Белата куќа соопшти дека Кина сега трпи царини до 245 проценти поради одмаздничките мерки.
„Позицијата на Кина отсекогаш била јасна и има отворен став кон консултациите со САД на полето на економијата и трговијата. Едностраното воведување тарифи е целосно иницирано од Соединетите држави, а кој ги почнал проблемите треба и да ги заврши. Ги повикуваме САД да го запрат веднаш притисокот, да направат корекција и да го решат проблемот со Кина преку дијалог базиран на взаемна почит“, изјави Хе Јонгкиан, портпаролка на кинеското Министерство за трговија.
Трамп го суспендираше најстрогиот сет на тарифи за 90 дена, така што повеќе од 70 земји имаат шанса да ги решат трговските проблеми со САД. Италијанската премиерка Мелони во Вашингтон на средба со шефот на Белата Куќа ќе се обиде да спречи воведување нови царини за Европската унија. Јапонија е меѓу првите земји што започна отворени преговори со САД.
„Како исход од состанокот, се договоривме двете страни да разговараат со отворен и конструктивен пристап со цел да се постигне договор што ќе биде објавен од двајцата лидери што е можно порано, да се договори следниот состанок овој месец, да продолжиме да разговараме на министерско и административно ниво“, изјави Риосеи Аказава, министер за економска ревитализација на Јапонија.
Во меѓувреме, американската сојузна држава Калифорнија најави тужба за претседателот Трамп поради новите царини за увоз на стоки од целиот свет.
Маријана Димовска
