Сезонското овошје и зеленчук ќе бидат дел од потрошувачката кошница
Сезонското овошје и зеленчук ќе бидат дел од просечната потрошувачката кошница. До крајот на април треба да биде готова новата методологија за пресметка на трошоците за живот на месечно ниво на едно тричлено семејство...

Сезонско овошје и зеленчук кои се произведуваат во земјава ќе бидат дел од потрошувачката кошничка што ја крои Владата. Министерството за земјоделство подготви посебен календар што веќе е доставен до надлежните во Економија.
„Изработивме посебен календар – кои земјоделски култури во кој период доспеваат и се користат. Тој список е доставен до министерството за економија. Знаете дека одредени производи се со сезонски карактер, па во периодот на нивно производство ќе бидат и вметнати во кошничката“, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Граѓаните велат цените на овошјето и зеленчукот се високи. Спроти празниците доматите и краставиците се продаваат и за 150 денари. Во овој период од домашниот буџет повеќето можат да издвојат само за јаболка и портокали.
„Од пред 5-6 години од тогаш до сега три пати се поскапени пиперките, доматите, евентуално зелката е помалку поскапена“.
„Не можеш да купиш домат или краставица кога е 150 денари“.
„Се е поскапено и јаболката се поскапени, за јагодите па не доаѓа предвид да купиш“.
Коморите ја чекаат новата методологија за пресметка на потрошувачката кошничка. Се надеваат да ја прикаже реалната состојба. Според бизнисот ограничувањето на цените не е решение.
„Како комора ние сме против смрзнување на цените. Имаме предложено да се зголеми минималната плата за да можат работниците да го пополни тој надомест на кошничката“, велат од Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Владината пресметка за кошницата ќе се однесува на потребите на тричлено семејство
И додека Владата ја крои новата потрошувачка кошничка, која како што вели ќе биде соодветна со реалните потреби на граѓаните, од ССМ порачуваат дека ќе продолжат да прават нивни пресметки за она што му е неопходно на едно четиричлено семејство.
Андријана Ѓурческа
