Обвинителството бара повисока казна за возачот кој смртно ја прегази Теодора, на потег Апелацискиот суд
Тетовското обвинителство смета дека изречената двегодишна затворска казна за обвинетиот Менсур Пајазити е преблага со оглед на тоа дека предизвика сообраќајка во која ја усмрти 23-годишната Теодора Ристовска. Во жалбата до повисокиот суд, Обвинителството бара на Пајазити да му се изрече построга казна…

Две години затвор е малку за Менсур Пајазити. Ова е ставот на тетовското обвинителство кое реши да се жали пред Апелацискиот суд и да бара построга казна. Со тоа што предизвикал сообраќајка и ја усмртил Теодора Ристовска, сторил тешко кривично дело, па оттаму и неговата одговорност треба да биде поголема, велат од обвинителството.
„Општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока“, соопштуваат од Обвинителството.
Своевремено, тетовскиот суд го осуди Пајазити на три и пол години затвор, но тој сметаше дека казната е превисока и се пожали до Апелацискиот суд. На седницата, со амин на обвинителката, второстепената инстанца го осуди на две години робија. Овој случај го разгледуваше и Врховниот суд кој го врати на повторно одлучување. Во новата постапка беше изречена истата казна – две години затвор.
Сега повторно на потег е Апелацискиот суд. На седница да се вкрстат аргументите на одбраната и на обвинителството.
Анита Димитријевска – Велковска
