Истрагата за „Пулс“ продолжува, Папазов оди во куќен притвор, Бектеши останува во затвор
Полицискиот службеник осомничен за случајот „Пулс“ Кочани, кој вчера не беше достапен за органите на прогонот, утрово се пријавил во Обвинителството. Изведен е пред судија на претходна постапка. Поранешниот градоначалник Папазов оди во куќен притвор, а во притвор останува ексминистерот Бектеши. Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласувања со правната квалификација, тврдат од Обвинителството...

Се пријавил сам и полицискиот службеник кој не им беше достапен на органите на прогонот, по што бил изведен пред судија на претходна постапка. Ефективните притвори им беа заменети со куќни на поранешниот градоначалник на Кочани Папазов, ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Трајковски и едно лице од обезбедувањето. Зад решетки останува поранешниот министер Бектеши. Заради ваквата одлука ДУИ обвини за селективна правда.
Беше донесена одлука речиси сите приведени да бидат пуштени, освен Крешник Бектеши, кој и понатаму останува во притвор – личност која одамна е цел на политичка одмазда. Ова не е веќе индивидуален случај – туку опасен модел на селективна правда, која станува алатка за политички притисок и елиминација, велат од ДУИ.
Обвинителството ги отфрли наводите на интегративците дека еден јавен обвинител се повлекол од предметот поради политички притисоци.
Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласувања со правната квалификација, тврдат од Обвинителството.
И опозициската СДСМ обвини за селективност и обиди да се поштедат актуелните полициски службеници, командири и началници од Кочани и Штип кои биле одговорни за безбедноста ноќта на несреќата.
Од Основниот суд во Кочани потврдија дека седум лица заработија мерки на претпазливост, за осуммина куќен притвор, меѓу нив ексминистрите Ваљон Сарачини и Беким Незири.
За трагедијата во Кочани, досега осомничени се 47 физички лица и три правни лица. Засебна постапка се води против 47 полициски службеници.
Фиљана Кока
