Економија

Негодувања по одлуката за објавување на цените на веб страниците

17.04.2025 16:14

Од утре маркетите, аптеките, салоните за мебел ќе мора да ги објават цените на продуктите на интернет, да ги ажурираат секојдневно на веб страниците. Санкции за непочитувачите – најавуваат надлежните. Приватните аптеки бараат да бидат изземени...

Здружението на приватни аптеки поднесе приговор до надлежните институции по одлуката за објавување на цените на сите производи на веб страниците и нивно секојдневно ажурирање. Велат дека не се трговци, туку здравствени работници и ќе им се скрати времето за здравствени услуги.

Бараат изземање од правилникот. Од почетокот на годинава во Централен регистар фигурираат како трговско друштво, па според нив треба да им се врати стариот код со што ќе бидат под надлежност на Министерство за здравство, Агенцијата за лекови и АХВ.

И трговците бараат пролонгирање од финансиски, технички и кадровски причини. Ги поддржуваат дигитализацијата, транспарентноста и конкурентноста, но потребно им е време за имплементација на правилникот за цени.

Граѓаните се скептични дека поголемата транспарентност на цените ќе го спречи нивниот раст.

Според Државниот завод за статистика инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во март оваа година изнесува 1,3%. Намалување на трошоците се должи на цените во групата храна и безалкохолни пијалаци и тоа 3.0%.

 

Александра Велинова