Политика

Јотова: Бугарските барања се нормални, не се каприц, Софија не го блокира патот на Скопје кон Брисел

17.04.2025 16:22

Бугарските барања се нормални, не се каприц, Софија не го блокира патот на Скопје кон Брисел и нема да поставува дополнителни услови – убедува потпретседателката Јотова по изјавата на еврокомесарката Кос за исправноста на македонските позиции во делот на уставните промени. Од МНР порачуваат, билатералните и идентитетски прашања да бидат надвор од преговорите...

Бугарија нема да поставува дополнителни услови за македонската интеграција во европската унија, се искривуваат нашите барања што водат кон двострана блокада, оцени потпретседателката Илијана Јотова. Дополни и дека во основата е францускиот предлог.

„Тезата на македонските колеги и на некои европски политичари е дека процесот е блокиран. Сакаме само да се зачуваат европските критериуми, како што треба тоа да го прави секоја држава на патот кон европското членство“, изјави Илијана Јотова-потпретседателка на Бугарија.

Ако се задржи трендот на усогласување и реализација на протоколите од македонско-бугарската историско-образовна комисија тогаш нивната работа може да трае со децении, возврати заменик-шефот на македонската дипломатија, Димитровски. Таков беше случајот со комисиите на Германија со Франција и со Полска по Втората светска војна.

„Стравуваме дека нашиот процес на пристапување кон европската унија ќе стане стриктно билатерален и ќе биде условен од резултатите од работата комисијата за историја и образование. Ако нашиот пристап кон еу зависи од тие резултати, тогаш знаете како комисијата работи“, изјави Зоран Димитровски, заменик-министер за надворешни работи на Македонија.

Еден од предизвиците на Европа е заморот од проширувањето, мора да биде надминат. Европската комесарка Кос се пофали со најголем број затворени поглавја и кластери за време на сегашната европска влада. Накусо се осврна и на прашањето на билатерализацијата.

„Потребна е подготвеност да се направат тешки компромиси. Но, изискува и цел склоп од ставови за раскрстување со духовите на минатото и да се размислува за можностите кои ги нуди иднината“, Марта Кос – европска комесарка за проширување.

Доколку Албанија и црна гора продолжат со сегашното темпо на затворање на поглавјата, ќе бидат подготвени за членство во Унијата до крајот на мандатот на оваа комисија, дополни Кос. Македонската кандидатура датира од 2005-та.

Зоран Богатинов