Празничен метеж на границите
Метеж на граничните премини. Се враќаат нашите иселеници за претстојниот празник. Но голем дел и заминуваат да го искористат продолжениот викенд …

Редици возила на граничните премини, печалбарите се враќаат дома. На граничниот премин „Табановце“ иако функционираат шест ленти за патничкиот сообраќај, редицата е долга.
Поголем метеж за влез на домашни државјани е регистриран од вчера попладне. Фреквенцијата продолжила и денеска. Надлежните информираат се спроведуваат само задолжителните проверки.
Во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, велат од Министерството за внатрешни работи.
Граѓаните коишто влегуваа во земјава за македонската телевизија раскажаа дека доаѓаат празникот да ги поминат со најблиските. За метежот на границата биле свесни. Дел од нив чекаа и до 50-ина минути. Има и такви кои транзитираат низ државата и се упатуваат кон соседна Грција, да го искористат продолжениот викенд.
Освен на Табановце поголем метеж е регистриран и на граничниот премин Богородица, кон соседна Грција. Полицијата информира дека од овој премин од полноќ до 08 часот утринава во Грција заминале над 3.300 македонски државјани. Вообичаено иселениците во земјава се задржуваат една седмица по Велигден, по што се враќаат во западноевропските земјите каде што живеат и работат.
Елена Георгиевска
