Битола

Течат последните подготовки за велигденската трпеза

18.04.2025 16:24

Течат последните подготовки за најголемиот христијански празник, продавниците и пазарите преплавени со граѓани, да се испазари она што е најпотребно, јајца, јагнешко месо, салати и овошје. Секој според големината на домашниот буџет. Граѓаните се навикнати на поскапување на цените, велат континуирано растат, особено пред празници, продавачите пак велат, продажните цени се резултат на повисоките набавни цени …

Најмалку 3.000 денари тежи празничната кошничка за подготовка на велигденската трпеза. Граѓаните велат цените секојдневно растат, а тоа најмногу се чувствува пред празниците. Покрај јагнешкото месо и јајцата, на пазарите најмногу се купува сезонско овошје и зеленчук.

Раноградинарските култури достигнаа рекордно висока празнична цена и не се достапни за сечиј џеб. Ваквите покачувања препродавачите го припишуваат на високата набавна цена. Но сепак задоволни се од продажбата.

Килограм јагнешко се продава по цена од 600 денари, додека пак цената на јајцата е непроменета повеќе години и се движи од 160-280 денари.

Украсувањето на домот и богатата велигденска трпеза, се нераскинлив дел од македонската традиција, сепак граѓаните велат трпеза ќе биде богата онолку колку што ќе дозволи домашниот буџет, а најважно пред сè е да се обедини и собере целото семејство.

Александра Максимовска