Стартува обврската за јавно објавување на цените
Само дел од трговците на веб страниците објавија колку чини секој производ што го нудат. Стартуваше законската обврската ценовниците да бидат поставени и секојдневно ажурирани. Дел бараат пролонгирање да се прилагодат кадровски и технички. Инспекторите мониторираат, глобите достигнуваат и до 10 илјади евра. Граѓаните поделени со мислењата...

Маркети го испочитуваа законскиот рок и јавно ги објавија ценовниците. Стартуваше обврската и за аптеките, салоните за мебел и бела техника, на веб страниците да ги постават цените на производите. Дел од трговците бараа пролонгирање на рокот за да се прилагодат на промените. Од Сојузот на стопански комори пак децидни оти надлежните им оставиле доволно време за да се подготват. За нив оваа мерка не е новина.
Граѓаните со поделени мислења. За едни јавно достапните цени ќе им го олесни пазарењето, но и ќе внимаваат дали трговците манипулираат со цените. Други воопшто не проверуваат колку чинат производите, го купуваат неопходното.
Кој работел спротивно на законот ќе се утврдува по велигденските празници.
„Формиран е тим инспектори кои ќе вршат мониторинг на состојбата со објавените цени на трговците во малопродажба. По празниците се очекува целосниот извештај од контролите на инспекторите и точните информации кои субјекти не го почитуваат законот “, вели за МТВ Влатко Стојковски, директор на Државниот пазарен инспекторат.
Доколку законот не се почитува глобите се од 500 па се до 10.000 евра. Трговците имаат обврска секој ден до 10 часот да ги ажурираат цените, доколку се увиди техничка грешка рокот е 24 часа истата да се корегира.
Викторија Милевска
