Продолжуваат руските напади врз Украина
Продолжуваат руските напади врз Украина. Еден загинат и десетици повреди во Харков. Има оштетени станбени згради и приватни куќи. Зеленски обвинува – Русија се повеќе ја напаѓа украинската цивилна инфраструктура. По консултациите на Советот за безбедност Кремљ со скептицизам за изгледите за прекин на огнот...

Едно лице загина, а над 60 се повредени при руски напади во Харков, соопшти државната служба за вонредни состојби на Украина. Градоначалникот на Харков информира дека како резултат на нападот оштетени се 20 станбени згради и 30 приватни куќи. Нападите биле извршени со балистички ракети опремени со касетна муниција. Ова е трет голем напад од почетокот на годинава врз цивилна инфраструктура.
„Имаше удари во утринските часови. Три удари. Станбената област касетна муниција „искандер“ експлодираше во воздух. Прелиминарно, 14 куќи беа сериозно оштетени. Можеме да видиме шрапнели. Веројатно, цивили биле целта“, изјави Олех Синиехубов, шеф на регионалната воена управа во Харков.
„Заспав, слушнав и видов блиц и успеав да се покријам со ќебе и дојде до експлозија. Целиот стан беше разнесен. Кучињата истрчаа надвор. Нема врати, нема ѕидови, нема ништо“, изјави Свитлана- жителка на Харков.
Портпаролот на Кремљ Песков, соопшти дека привремениот мораториум за напади врз енергетската инфраструктура, воспоставен со договор помеѓу Русија и САД, официјално истекол. Тврди дека Русија строго го почитувала договорот и се воздржувала од напади врз енергетски цели, за разлика од Киев, кој според него не ги исполнил своите обврски.
„Контактите се прилично сложени, комплицирани, бидејќи, нормално, темата за украинското решение не е едноставна. Русија се стреми кон решавање на овој конфликт, обезбедување на сопствените интереси и е отворена за дијалог. Ние продолжуваме да го правиме тоа“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
По затворените консултации на Советот за безбедност, рускиот претставник изрази скептицизам за изгледите за прекин на огнот. Според него да се зборува за прекин на огнот е нереално во оваа фаза. Словенечкиот претставник, Жбогар пак рече дека Украина мора да биде дел од дискусиите за мирот.
„Штотуку ги завршивме блиските консултации со членовите на Советот за безбедност за ситуацијата во текот на спроведувањето на 30-дневниот мораториум меѓу Русија и Украина на меѓусебните удари во енергетската инфраструктура. Ова беа најчудните консултации на кои учествував. Колку сме блиску до прекинот на огнот? За мене лично е големо прашање, бидејќи, како што реков, имавме обид за ограничен прекин на огнот на енергетската инфраструктура што не беше почитуван од украинската страна“, изјави Василиј Небензја, постојан претставник во ОН од Руска Федерација.
„Советот за безбедност разговараше за Украина во затворен амбиент. Русија се обиде да ја исклучи Украина од дискусијата. За да се постигне траен мир, треба да бидат вклучени сите страни во војната. Украина мора да биде дел од дискусиите“, изјави Самуел Жбогар, претставник во Советот за безбедност од Словенија.
Средбата во Советот за безбедност следи откако Русија започна серија воздушни напади низ Украина, најалармантно во Суми, каде што најмалку 36 цивили, меѓу кои две деца, ги загубија животите минатата недела.
Наташа Гркова Петрушевска
