Инфраструктура

Николоски: Го завршуваме патот од Охрид кон Св. Наум

19.04.2025 15:53

Во завршна фаза е рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,3 километри...

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во завршна фаза е рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,3 километри.

Инвестиционата вредност за рехабилитација на овој патен правец е 11,6 милиони евра, средства обезбедени од буџет на ЈП за државни патишта.

Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница, ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и обезбедуваме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум. Исто така овој магистрален пат има регионално значење бидејќи претставува патна врска со Република Албанија.

До сега, со завршен асфалт комплетно е асфалтиран потегот од граничниот премин на Р. Албанија до Пештани во должина од 19 километри.

Заради зголемување на безбедноста во сообраќајот како и прегледност на патот се изврши растеретување на косини од нестабилен карпест материјал, завршено е со монтажа на заштитна челична мрежа на косините, а исто така на дел на патот поставена е заштитна ограда.

Согласно договорниот рок, се очекува патот комплетно да биде завршен до крајот на месец јуни пред почетокот на летната сезона. Останува да се доасфалтираат уште околу 5 км од излезот на Пештани до хотелот Метропол, да се постави заштитна ограда како и хоризонтална и вертикална сигнализација.

Со реализација на овој проект покрај подобрување на патната мрежа во охридскиот регион го подигнуваме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го поттикнувме економскиот развој на Охрид.