Истрага

Истрага за трагедијата во дискотеката „Пулс“

19.04.2025 12:11

Обвинителството дава насоки, МВР постапува. Министерот Тошковски очекува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ наскоро да биде завршена. Во истрагата се вклучени 13 обвинители. Досега со неа се опфатени над 60 физички и три правни лица.

МВР постапува по добиените насоки и наредби од Обвинителство – првиот полицаец, Панче Тошковски очекува истрагата за пожарот во кабарето „Пулс“, што однесе 62 животи да заврши за краток временски период. Тој уверува дека полицијата досега ги презела сите дејствија што биле побарани. Во обемната истражна постапка се вклучени 13 обвинители, извршени се голем број претреси, сослушани се сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Со истрагата се опфатени поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат, полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Се уште во притвор е поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, а неговите претходници, Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор. Во куќен притвор се поранешните градоначалници Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. По завршувањето на болничкиот третман, и синот на сопственикот на „Пулс“ доби мерки за претпазливост.

Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години, кои довеле до ужасната трагедија.

Од СДСМ велат дека се штитат оние кои се директно одговорни за трагедијата и оти истрагата е насочена кон луѓе кои можеби дозволиле институционални пропусти, но не се директни виновници. Началниците и командирите кои ноќта имале директна одговорност да постапат се недопрени, реагира СДСМ.

Од ДУИ, пак, сметаат дека истрагата се претворила во правна импровизација. Во пожарот во кабарето со повредени се здобија речиси 200 млади луѓе.

 

Игор Панов