Украина

Украина: И напади и размена на затвореници

19.04.2025 12:33

Беснее војната во Украина. Русија изврши нови напади со дронови врз Харков и Запорожје. Двете страни разменуваат 492-ца заробени војници со посредство на Обединетите Арапски Емирати. Американскиот претседател Трамп е уверен дека може да се договори со Путин, но не исклучи и нови санкции кон Москва.

Со Меморандумот за ископ на ретките минерали потпишан со Вашингтон, Украина доби дипломатски ветер во едрата, тврдат западните медиуми. Во комбинација со враќањето на Европа на преговарачката маса, Киев и Брисел се надеваат на решение на тригодишната војна според барањата поставени од НАТО и од Унијата. Меѓу нив е и распоредувањето на мултинационалниот контингент по должина на тампон-зоната во Украина, што не го прифаќа Кремљ. Рубио во Париз постави услов, недела е крајниот рок за примирјето и за почеток на крајот на војната. Трамп понуди поинаква временска рамка.

„Нема одредено точно време. Сепак да се случи поскоро и сакам да се заврши. Овде зборуваме за луѓе, тие загинуваат. Сакаме да ги спасиме. Ако страните се глупави, тогаш ќе се повлечеме, но се надеваме дека нема тоа да го направиме сега бидејќи имаме добра можност за да го решиме проблемот“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.

Трамп се закани со нови санкции за Русија доколку не ги прифатат мировните услови, но сепак избегна директно да го обвини Путин.

Во недостиг на американски разузнавачки информации и воена опрема, руската војска продолжи со бомбардирањето на Харков, областа Дњипро, Запорожје, Суми.

„Детето беше босо, ми беше во прегратка. Бев во пижами, исто така и синот. За среќа, добро поминавме, поминавме со полесни повреди“, изјави Ирина Стрижка-жителка на Дњипро.

„Кога дојдов изутрината се беше уништено. Но ќе биде добро, ќе исчистиме и ќе изградиме пак“, изјави Олех Дмитриев-жител на Дњипро.

Иронично или не, Велигден се совпадна и со јулијанскиот, којшто го прославуваат православните, и грегоријанскиот календар прифатен неодамна од киевската патријаршија. Од другата страна на фронтовската линија, руските свештеници на војниците им поделија вапсани јајца и куличи, традиционални велигденски колачи.

„Нека ви е Господ напомош, имајте трпение, не губете ја храброста, минувајте низ се, и ќе биде добро. Со Господ!!!“, изјави Иван-руски воен свештеник.

Според Киев, примирјето е можно при преговорите во Лондон закажани за наредната недела. Украина е согласна во 90 насто од најновиот американски предлог, украинскиот министер за одбрана Умеров го информирал државниот секретар Рубио во Париз.

Зоран Богатинов