Сообраќајна несреќа

Жртви во тешка сообраќајна несреќа

19.04.2025 13:08

Огромна неприлагодена брзина е причината за трагедијата која вчера се случи на патот Кичево-Гостивар, а во која загинаа три лица, информираше министерот за внатрешни работи при денешната посета на Охрид...

Три лица го загубија животот, а осум се повредени во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи патот Кичево – Гостивар. Жртви се сопружници на возраст од 38 години од Гостивар, повредени се нивните три малолетни деца. Почина и едно 64 годишно лице од Битола. Сообраќајката се случи околу 21 часот кај селото Трапчин Дол, кога дошло до директен судир помеѓу возилата.

Причините се неприлагодена брзина односно пребрзо возење од страна на еден од возачите, кој за жал сега е починат.

„Станува збор за неприлагодена огромна брзина од страна на еден од учесниците во сообраќајот којшто за жал е починат. Бројот на сообраќајни жртви во оваа година во првото тримесечје е отприлика сличен на бројот на жртви што го имавме и лани. Со тоа што морам да кажам дека овие бројки се катастрофални компарирано со европските стандарди коишто ги имаме анализирано и во иднина максимално мораме да се фокусираме колку што е можно смирување на сообраќајот од секој еден аспект“, вели Панче Тошковски министер за внатрешни работи.

Повредените лица, се пренесени во болницата во Кичево, а дел се префрлени на скопските клиники. Повеќето од нив се надвор од животна опасност, но две од кои едно дете е во потешка општа состојба.

„Направено е сè што може во тој момент да се направи пациентите се најдобро згрижени сите се најбрзо што може реагирано испратени се на Карил, една пациентка е на болницата „Св. Наум Охридски“, тие што ви кажав тројца починати, а останатите во стабилна општа состојба“, вели Д-р Маја Цветановска-Трајкоска е новиот в.д. директор на ЈЗУ „Општа Болница“ – Кичево.

Јавниот обвинител изврши увид на самото место издадена е наредба за обдукција на телата на починатите.

 

Соња Рилковска