Путин објави тридневно велигденско примирје
Рускиот претседател, Владимир Путин објави тридневно велигденско примирје. Почнува од денеска и ќе трае до понеделник. Идната седмица во Лондон нов самит за преговори за целосен мир во Украина.

Велигденскиот прекин на огнот трае денеска до понеделник. Се запираат сите руски воени акции, Путин се надева дека и украинската страна ќе го следи примерот.
„Наредив сите воени акции да се прекинат во овој период. Истовремено, нашата војска мора да биде подготвена да одговори на можните нарушувања на примирјето и провокациите од непријателот. Киев досега го има нарушено договорот за ненапаѓање стотина пати со удари врз енергетската инфраструктура“, изјави Владимир Путин-претседател на Руската федерација.
Протекоа и првите информации за американскиот план за примирје во Украина. Според Си-Ен-Ен, Украина го губи полуостровот Крим, којшто влегува контрола на Кремљ. Ова било договорено меѓу државниот секретар Рубио и шефот на руската дипломатија Лавров. Окупираните подрачја остануваат под руска власт, замрзнато е членството на Киев во НАТО, на Москва и се ублажуваат санкциите. Рубио во Париз го понуди Велигден за краен рок, Трамп за целосниот мир нуди повеќе време.
Во недостиг на американски разузнавачки информации и воена опрема, руската војска продолжи со бомбардирањето на Харков, областа Дњипро, Запорожје, Суми.
„Детето беше босо, ми беше во прегратка. Бев во пижами, исто така и синот. За среќа, добро поминавме, поминавме со полесни повреди“, изјави Ирина Стрижка-жителка на Дњипро.
„Кога дојдов изутрината се беше уништено. Но ќе биде добро, ќе исчистиме и ќе изградиме пак“, изјави Олех Дмитриев-жител на Дњипро.
Иронично или не, Велигден се совпадна и со јулијанскиот, којшто го прославуваат православните, и грегоријанскиот календар прифатен неодамна од киевската патријаршија. Од другата страна на фронтовската линија, руските свештеници на војниците им поделија вапсани јајца и куличи, традиционални велигденски колачи.
„Нека ви е Господ напомош, имајте трпение, не губете ја храброста, минувајте низ се, и ќе биде добро. Со Господ!!!“, изјави Иван-руски воен свештеник.
Според Киев, примирјето е можно при преговорите во Лондон закажани за наредната недела. Украина е согласна во 90 насто од најновиот американски предлог, украинскиот министер за одбрана Умеров го информирал државниот секретар Рубио во Париз.
Зоран Богатинов
