празник

Христос воскресна, навистина воскресна

20.04.2025 15:40

Христијаните го прославуваат Велигден, најсветлиот и најголем празник. Поздравувајќи се со зборовите Христос воскресна, навистина воскресна ја споделуваат радосната вест, која на полноќ ја обзнани поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Неговото блаженство вели дека годинава Велигден го доживуваме поразлично поради трагедијата во Кочани. Тој ги повика верниците во воскресението да пронајдат сила и утеха.

На полноќ камбаните ја обзнанија најрадосната вест. Христос воскресна од мртвите. Верниците пред црковните храмови ги скршија велигденските јајца и со поздравот Христос воскресна-Навистина воскресна си го честитаа празникот над сите празници-Велигден.

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи. Дел од велигденското послание на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Тој вели дека овој Велигден го доживуваме поразлично од досега, оти во предвелигденскиот период пострадаа 60-тина наши чеда, трагедија која како ретко досега го сплоти народот во тага и во молитва.

На првиот ден од Велигден, Соборниот храм претесен да ги собере верниците кои учествуваа на утринската велигденска литургија со која чиноначалствуваше архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.

Со свеќи во рака, со молитва пред иконите, верниците се помолија за здравје, мир и среќа. Да си ја почитуваме верата и божјите заповеди секој ден не само на празници, велат граѓаните.

Вицепремиерот Димовски, кој присуствуваше на литургијата повика на единство и меѓусебно разбирање за да ги поминеме овие тешки времиња за Македонија.

Велигден се празнува три дена. Овој ден е посветен на семејството.

 

Викторија Милевска