Кумановец изработил над 500 икони и орнаменти
Над 500 икони и орнаменти изработил единствениот бакрорезец од Куманово, Поповски. Најчесто го работи ликот на Богородица. Интерес вели има. Продавал во државата, соседството, па и пошироко, САД.

„Многу ми е мило кога ќе подарам, кога ќе видам човек како се радува, тоа се случи со последната слика со орнамент со Богородица, луѓето, кога видов со солзи во очи од радост тоа те исполнува знаеш како“, раскажува единствениот бакрорезец од Куманово, Мирослав Поповски.
Тој речиси четири децении, се занимава со овој потежок занает. Иако уште од мали нозе го привлекувала уметноста, завршил машински. На работното место му било дозволено да одвои време за цртање. Почнал со резба, но бакарот станал попривлечен. Делата првин ги подарувал, но интересот растел. Зад себе веќе има изработено над петстотини дела, иконографија и орнаменти.
„Иконографијата многу ме влече, овие орнаменти што ги правам, ме исполнуваат, сега правам комбинација обично со Богородица, има и Света Троица некои, но обично Богородица практикувам да ја вметнам. Таа е работена со акрилни бои и многу ја освежува сликата и задолжително нашето сонце од Кутлеш мора да го има без него не оди“, раскажа тој.
Бакарот објаснува е тежок за работа. Мала грешка и материјалот е уништен, па завршува во отпад. На едно дело вели се случува да работи од десетина дена, до дури три месеца. Нарачки има од граѓани од целата држава, но продавал и за соседна Србија, Бугарија, Шведска па дури и САД.
„Ме повлече бакарот и мислам дека нема да го оставам, освен ако не останеме без него. Бидејќи е многу тешко Кинези влегоа во Бор и не даваат грам да излезе. Но доколку снема бакар резбата е тука“, вели тој.
Поповски кој денес е пензионер, е задоволен од заработувачката. Од своите дела подарил во сите свети храмови во Куманово и регионот. Но со тага потенцира дека делата останале само во две цркви.
Елена Георгиевска
