Украина-Русија

Меѓусебни обвинувања за прекршување на примирјето

20.04.2025 12:30

Не поминаа ниту 24 часа од велигденскиот прекин на огнот објавен од рускиот претседател Путин, а неговиот украински колега Зеленски веќе обвини за изолирано кршење на примирјето. Путин се обидува да оформи генерален впечаток дека е за мир, тврди Зеленски. Примирјето не се однесува на руската офанзива на областа Курск, каде што според руски воени извори е повратено 95 насто од територијата запоседната од Украинците. Русија и Украина разменија досега најголем број на воени затвореници, 246, додека двете земји го чествуваат Христовото воскресение.

Зеленски посочи дека Покровск и Новопавливка, градовите на границата на областа Донбас, биле постојана цел на руското бомбардирање по објавеното, кревко примирје. Биле употребени и дронови, украинските сили морале да возвратат. Во велигденската порака Зеленски го повика и Господ напомош.

„Господе зошто го правиме ова? Целата оваа мизерија и зло? Како може една дузина луѓе да бидат убиени на Цветници? Игралиште погодено во Кривји рог. Сега Днепар, Одеса, Харков горат секој ден. Кога ќе заврши ова? Како нема да ја загубиме вербата по сево ова?“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Областите Курск и Белгород се руска територија. Путин, којшто прогласи 30-часовно примирје, не се изјасни дали руската територија е дел од неговата наредба за запирање на воените операции.

„Нашата одлука за примирје на Велигден ќе покаже колку навистина е искрена подготвеноста на режимот во Киев за мир. Знаеме дека и претходно го нарушуваа договорот за ненапаѓање. Добредојдени се намерите на Трамп, на кинеските пријатели и претседателот Шји, на земјите на БРИКС. Но мораме и да внимаваме на потезите на Киев“, изјави Владимир Путин – претседател на Руската федерација.

Украинците не му веруваат на Путин, сметаат дека примирјето ќе биде искористено за прегрупирање на руските трупи.

„Само Трамп му верува на Путин. Никој друг не прави провокации освен путин. Кога ќе се повлечат од Украина ќе нема веќе војна“, изјави Серхиј Невкапса-Украинец.

„Ние живееме во Харков, се вративме пред три години. Веќе е јасно дека на Русија не може да ѝ се верува. Примирјето нема да се оствари“, изјави Ана Маинијак-Украинка.

„Јас сум од Доњецк, се потсмева со украинскиот народ. Не принудува на предавање. Тоа му е целта“, рече Олга Кудин-Украинка.

Гест на добра волја на Кремљ за Велигден е и досега најголемата размена на воени затвореници. Дури 288 киевски војници се вратија во Украина од воено заробеништво. Од почетокот на војната, која навлезе во четвртата година, Москва му врати на Киев над пет илјади заробени украински војници.

 

Зоран Богатинов