Почнува полагањето матура во августовскиот рок

11.08.2014 10:15

Од оваа учебна година државната матура учениците ја полагаат според новиот концепт еден плус три, односно се полагаат три екстерни и еден интерен предмет...

Матурантите денеска ќе го полагаат првиот екстерен предмет од августовскиот испитен рок за државна матура - мајчин јазик (македонски, албански јазик или турски) и литература.

Во августовскиот испитен рок ќе полагаат 3.647 ученици од завршните години од средните училишта кои од оправдани причини не полагале државна матура во јунскиот испитен рок и ученици кои не успеале да положат некој предмет во јуни.

Од оваа учебна година државната матура учениците ја полагаат според новиот концепт еден плус три, односно се полагаат три екстерни и еден интерен предмет.

Во августовскиот испитен рок, учениците од завршните години кои избрале странски јазик ќе полагаат на 13 август, на 14-ти се полага математика (основно и напредно ниво), естетика и филозофија и на 16 август - хемија, физика, биологија, историја и бизнис.

Интерните предмети матурантите ќе ги полагаат од 19-ти до 23-ти август, додека презентацијата и одбраната на проектната задача ќе се спроведе од 19-ти до 22 август.

Джавната матура во август ќе се реализира во 21 училиште во целата држава, а распоредот на учениците во кое училиште ќе полагаат е објавен на веб-страницата на Државниот испитен центар matura.gov.mk. Како и во јунскиот рок, и сега сите испити почнуваат во 10 часот.

Прелиминарните резултати од државната матура ќе бидат достапни најдоцна 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит.