Струмичката ликовна колонија- препознатлив меѓународен уметнички бренд
Струмичката ликовна колонија со својот авангарден начин на сликање кој дозволува промена на стиловите и жанровите стана препознатлив меѓународен уметнички бренд. Секое лето уметници од повеќе држави творат по сопствен избор, а делата како трајна сопственост и ги оставаат на уметничката галерија на градот домаќин...

Дваесетина уметници од Бугарија, Турција, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија Полска и Македонија се учесмици на 51-вата струмичка ликовна колонија. До 15 август ќе го зголемат фондот на слики на една од најстарите ликовни колонии во Македонија со нови дела работени во најразлични техники. Доајенот на македонското сликарство Цане Јанкуловки и во својата деветта деценија од животот се сеќава на првото издание на оваа ликовна дружба.
„Кога почнав да сликам во 1957 година тогаш владееше симбол петокрака. Јас сите стандардни правци во ликовната уметност ги отфрлив. И дадов нешто мое, создадов три нови правци“, вели уметнички Цане Јанкуловски- македонски сликар.
Неговото творештво е поврзано и со изработката на ентериерот на стариот струмички театар. Во Струмица е присутен и црногорскиот уметник Мишо Вемиќ, кој преку тематиката на коњите ги пренесува своите емоции, сомнежи и проблеми како олицетворение на неговата личност. Вели, чест му е по вторпат да биде дел од колонијата која на едно место ги собира најпознатите уметници од балканските простори.
„Ова ми е втор пат да учествувам на ликовната колонија во Струмица. Јас секогаш ги сликам моите коњи, на кои секогаш им додавам некои финеси. Кога постојано работие една тема, уметникот ги пополнува мислите за животот, и за себа, зашто тој се слика самиот“, вели Мишо Вемиќ- уметник од Црна Гора.
Ликовната колонија е под покровителство на министерството за култура и Општина Струмица. Создадените дела премиерно ќе бидат изложени на 11 септември, Денот на ослободувањето на Струмица.
Катерина Давчева
