Катедралата Света Софија, мајка на сите цркви
Помеѓу големиот број цркви во Охрид посебно место зазема катедралата Света Софија која долг период била седиште на Охридската архиепископија. Станува збор за еден од најубавите духовни храмови во Европа, во чија внатрешност се наоѓа единствена галерија на средновековното сликарство од првата половина на единаесеттиот до втората половина на четиринаесеттиот век. За Света Софија охриѓани велат дека е мајка на сите цркви во Охрид …

Катедралната црква Света Софија во Охрид е еден од најрепрезентативните споменици на културата во Македонија, која била повеќевековно седиште на Охридската архиепископија. Таа во светски рамки е препознатлива по својата архитектура и уште повеќе по уникатноста на средновековното ѕидно сликарство.
Црквата Света Софија е една од најзначајните и најстарите катедрални цркви во Европа за која охриѓани велат дека е мајка на сите цркви.
„Особено ме интригира оној епитет мајка на црквите, што всушност меѓу охриѓани може да се слушне. Повеќемината ја доживувале како црква над црквите и затоа многу често се нарекува мајка на црквите, а додека кај охриѓани имало огромно значење, бидејќи целиот свој би рекол не век, туку векови на постоење таа имала заштитнички карактер“, вели Никола Митровиќ – историчар и хроничар на Охрид.
Иако црквата во 15-тиот век била претворена во џамија според усните преданија кои се пренесувале од колено на колено, таа не го изгубила значењето за христијанските верници, бидејќи тие никогаш не се откажале од својата заштитничка, вели Митровиќ.
„Охриѓани верувале во овој храм. Знаејќи дека фреските биле покриени со вар, за охриѓани тоа биле фрески кои живот значеле, кои значеле духовност. Секогаш поминувајќи покрај оваа црква иако претворена во џамија тивко ги изразувале молитвите и верувале дека токму еден ден ќе се врати вистинскиот израз на оваа мајка црква“, додава Митровиќ.
Во поново време Света Софија поради неверојатната акустика покрај духовното значење е место на кое се изразува светската музичка, сценска и поетска култура, коишто и даваат уште една незаменлива димензија.
Сашо Нелоски
