Село во кумановско со неколку свети храмови
Мало по површина и по број на жители, но со неколку свети храмови. Кумановско Орашац со обележја за неколку светители. Жителите иако отселени, не ги забораваат овие свети места.

На 12 километри од Куманово, од левата страна на реката Пчиња се наоѓа Орашац. Село со само 290 жители, но со бројни свети храмови.
Кумановско Орашац останува верно на традицијата. Мештаните заедно со кумановско-осоговската епархија, се обидуваат да ги одржат во добра состојба храмовите посветени на Свети Никола, Свети Илија, Богородица, како и крстовите на Света Троица и за Ѓурѓовден. Некои биле запуштени и запоставени, па жителите на ова село со доброволни прилози, ги обновуваат. Во ова место се одбележува секој христијански празник.
„Ова беше доброволен прилог на мештаните непокриено, сега се работи за покрив, да се заштитат гостите. Така ни оставиле старите имаме и Богојавление кога е кај црквата кај гробиштата таму направиме сала. Сите одреди кои лежат во христијанството и ние ги задржуваме и да ги пренесеме на помладата генерација“, вели Крсто Милошевски, жител на с. Орашац, кумановско.
Ниту ова село како и останатите низ државата не го одминал трендот на миграција. Бројни млади се иселени. Но за празниците секогаш се враќаат во својот крај.
„Со градба на тие верски храмови, цркви, манастири опстанало и ги поддржуваме сите тие институции, со нашиот свештеник, помагаме да не се распаѓаат, да додадеме што можеме повеќе со свој доброволен прилог и работа“, вели Чедо Дедористевски, жител на с. Орашац, кумановско.
Иако со сè помал број на жители, село Орашац велат ќе остане верно на традицијата, на своите предци и обичаи.
Елена Георгиевска
