Ватикан

На 88 години, почина Папата Франциск

21.04.2025 15:41

На 88 години, почина Папата Франциск. Ја водеше Католичката црква 12 години. Првиот латиноамериканец на оваа функција беше свештеник колку што беше и папа, конзервативен колку и неконвенционален. Подолг период се бореше со пневмонија. Неодамна неговите лекари објавија дека папата ја победил болеста. Неколкупати кратко се појавуваше и во јавноста, последен пат пред верниците се појави вчера на мисата на плоштадот Свети Петар во Ватикан…

Празен стол во Ватикан, период на седиваканција во слободен превод, кога во Ватикан настапува периодот без Папа. Во настанатата состојба, папските овластувања не се пренесуваат никому. Со Католичката црква управува кардиналскиот собор. Кардиналот Камерленго е клучниот достоинственик што владее со имотот на државата Ватикан. Тоа е ирскиот кардинал Кевин Џозеф Фарел. Папата Франциск почина изутрината, претходно беше пет недели во болницата „Агостино Џемели“ во Рим поради тежок облик на пневмонија.

„Изутрината Бискупот на Рим, Франциск се врати во куќата на Господ. Неговиот живот го посвети на службата на Господ и неговата црква. Живееше со вредностите на Евангелието со лојалност, храброст и универзална љубов, особено за најсиромашните и најмаргинализираните. Со голема благодарност како вистински следбеник на Исус Христос, ја предаваме душата на Папата Франциск на бесконечната љубов на единствениот и на тројството на Господ“, рече Кардинал Кевин Фарел, привремен управител (Камерленго) со Ватикан.

Пристигнаа и првите пораки со сочувство. Американскиот потпретседател Венс беше последниот од светските лидери којшто се сретна со папата за велигденските празници.

„Моето срце, по заминувањето на папата, е со христијаните од целиот свет. Беше среќен поради средбата, иако беше навистина болен“, изјави Џејмс Дејвид Венс, потпретседател на САД.

„Беше против војната, Папата Франциск се залагаше за правда и за братство меѓу луѓето целиот свој живот. Беше против небезбедниот свет и работеше за човештвото. Сочувство во име на Франција и до сите католици во светот“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

На плоштадот на Свети Петар во Рим се собираат верниците од целиот свет.

„Имаше големи чувства, сега имаме голема празнина. Ќе ни недостига“, вели свештеник од Франција.

„Бев навистина во шок, бев вчера на мисата и го видов папата, изгледаше навистина кревко. Некој чуден звук не обзема тука“, додава верничка од Холандија.

Верниците, но и црквата се во очекување на белиот чад од Сикстинската капела, потврда за назначувањето на новиот папа. Но изборот на новиот понтиф ќе се случи девет дена по погребот на Франциск. Кардиналите од целиот свет се собираат во Рим.

„Конклавата, затворениот состанок трае пет дена. Кардиналите разговараат и за финансиската состојба и за други предизвици на црквата. Ги утврдуваат критериумите кои новиот папа треба да ги поседува. Тогаш почнува конклавата, изборот којшто завршува со белиот чад од оџакот на Сикстинската капела кога е избран. Новиот папа се појавува на балконот на базиликата „Свети Петар“ каде што се слушаат познатите зборови-имаме папа“, објаснува Никол Винфилд, дописник на „Асошиејтед прес“ од Ватикан.

„Пастирот со мирис на стадото“ како што го нарекуваа во Ватикан, почина на 88 години. Тој беше првиот папа со потекло од Јужна Америка, од Аргентина. За заминувањето на харизматичниот папа биеја камбаните на базиликата Свети Петар.

Зоран Богатинов