Верниците со молитви за покојниот Папа Франциск
Камбаните биеја и во Скопје. И католичките верници во Македонија во тага. Во католичката црка „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје-тишина …

Се огласија камбаните низ католичките цркви во земјава – верниците со молитви за покојниот Папа Франциск. Скопскиот бискуп ги повика сите свештеници, монашки заедници и верници да се обединат во лична молитва. Ден пред погребот ќе се служи света литургија задушница за Папата Фрањо.
„Во овие денови на жалост, како црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку Папата Фрањо. Со вера и надеж да го молиме воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелиските зборови: добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар и да го прими во неговото царство“, изјави скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов.
Во изминатиот период Папата Франциск неколку пати кратко се појави во јавноста, последен пат ги поздрави верниците вчера од катедралата на плоштадот Свети Петар во Ватикан, каде што беше прочитана велигденската порака. Целиот живот го посвети на служба на Господ и на неговата црква.
„Како што имаме обврска за секој член на нашата заедница така и за нашиот поглавар должни сме да одржиме света миса за покој на неговата душа. Најмногу што можеме да направиме и што од нас очекуваат верниците е да ја прикажеме жртвата на Исус Христос за покој на неговата душа. Ние знаеме дека постои и рај и чистилиште и пекол и се надеваме дека ќе одиме барем во чистилиштето бидејќи тоа е сигурен пат бидејќи не можам себеси да си помогнам туку ми помагаат молитвите и тоа е тоа што ние како деца, браќа сестри на оваа црква правиме во овој момент кога почина Папата Фрањо“, изјави Винко Маслиќ – отец во Католичката црква „Пресвето срце Исусово“.
По повод 25-годишнина од воспоставувањето на односите меѓу Македонија и Ватикан, Скопје беше домаќин на светиот отец.
Поглаварот на римокатоличката црква ја посети Македонија во 2019-та година. Околу 15 илјади верници од земјава и од странство беа дел од историскиот настан. Од скопскиот плоштад ги слушнаа пораките на Папата Франциск.
Адријана Ѓурческа
