Зачестени прекршувања на сообраќајните правила
Денеска е неработен ден, но не и за семафорите. Тие работат вообичаено и за малкуте пешаци и возачи кои останаа во Скопје. Во полицискиот билтен, статистиката на сообраќајни нерегуларности е вознемирувачка. За жал, и камерата на Македонската телевизија забележа дека прекршувањето на правилата личи на игра со ѓаволот …

Понеделник, време за ручек. Празникот го подиспразни Скопје. Улиците го немаат вообичаениот метеж. Овој господин, не можеше да го дочека зеленото светло за пешаци за да помине. Не виде опасност да прејде на другата страна и на црвено.
За велосипедистот не важи правилото за поминување на спротивната страна на две полни линии.
Семафорот на крстосницата под Железничка со години функционира без дополнително зелено светло, но голем дел од возачите си востановиле свое правило – зошто да се застане, ако може да се помине.
Без дозволи, пијани – поминуваат на црвено, сечат полни ленти. И возачите и пешаците кабаетлии. Граѓаните со оценка – сообраќајната култура е на ниско ниво.
Полицијата контролира и казнува, а дневната статистика е горе-долу иста. За еден ден се санкционирани 144 возачи. 14 зад воланот седнале со испиени повеќе чаши алкохол, а 16 поминале на црвено.
Крикот на јавноста по усмртувањето на 22 годишната Фросина Кулакова на Партизанска не беше шлаканица за освестување за несовесните возачи. По овој трагичен настан, за само два месеца во сообраќајки беа повредени 30 велосипедисти и пешаци, а тројца загинаа.
Анита Димитријевска Велковска
