Ватикан

Папата Франциск ќе биде погребан в сабота

22.04.2025 12:34

Папата Франциск ќе биде погребан на 26-ти април во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, објави Ватикан. Ужалени верници во светот оддаваат последна почит. На погребната церемонија присуство најавија шефови на држави и влади од светот, меѓу нив американскиот претседател Трамп, францускиот Макрон, украинскиот Зеленски. Изборот на новиот понтиф ќе се случи девет дена по погребот на Франциск…

Папата Франциск ќе биде погребан в сабота на 26-ти април, објави Ватикан. Според најавите, погребната миса ќе се одржи на отворено, на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“.Согласно тестаментот, неговата светост ќе биде погребана во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, а не во „Свети Петар“, каде што почиваат повеќето негови претходници.

„Најважната мисла е молитвата. Во овој момент го придружуваме папата со нашите молитви. Тоа е најубавото нешто што можеме да го направиме. Останатото ќе дојде подоцна“, изјави кардиналот Фернандо Филони.

„Ова е можеби последната порака што ја дава, особено сеќавајќи се дека сака да биде погребан под сенката на жена, во овој случај Марија. Ова е исто така значајно во однос на желбата на Црквата да направи повеќе за жените“, изјави кардинал Џанфранко Раваси.

135 кардинали од сите континенти се собираат во Светата Столица да присуствуваат на погребот и општите конгрегации, пред конклавата на која ќе биде избран новиот поглавар. Изборот на новиот понтиф ќе се случи девет дена по погребот на Франциск. Ужалени верници во светот оддаваат последна почит. Светските лидери со пораки и сочувство, дел најавија паузирање на политичките кампањи и го потврдија присуството на погребната церемонија.

„Се сеќавам кога стана папа. Ја гледав целата работа на телевизија. Така што сè уште сум шокиран откако слушнав дека починал, затоа што пред околу три дена видов дека е во Рим, луѓе“, рече верник.

„Денес, целиот свет посакува нов папа, за некој кој може да ја донесе црквата, како што направи Франциск на ново ниво на духовност“, рече друг.

„Револуционерен папа, вистински папа. Можеби различен од другите, многу близок со најслабите, до скромните“, изјави друг верник.

Неговата светост почина од мозочен удар и срцева слабост на 88-годишна возраст, во момент додека закрепнуваше од двојна пневмонија поради која беше хоспитализиран пет недели. Тој беше првиот папа со потекло од јужна Америка. Во мај 2019, на 25-годишнината од воспоставувањето на односите меѓу Македонија и светиот престол, папата Франциск беше во историска посета на земјава.

Маријана Димовска