Терапија за онколошките пациенти до крајот на неделава
Лековите за онколошките пациенти до крајот на неделава треба да бидат доставени на Клиниката за радиотерапија и онкологија, информираат од Клиниката. Пациентите здруженија реагираа за терапијата којашто доцни иако годинава од Фондот за здравство буџетот беше зголемен и парите не се проблем. За доцнењето на тендерите и немањето основни услови за работа на јавните здравствени установи поранешниот министер за здравство Драган Даниловски, вели здравството се соочува со хронични проблеми, а добива козметички интервенции со политички изјави без суштински реформи.

Лековите за онколошките пациенти до крајот на неделава ќе бидат доставени на Клиниката за радиотерапија и онкологија, информираат од Клиниката. Тече рокот за жалби и предметот на јавна набавка во моментот е во Државната комисија за жалби по јавни набавки.
„Тимот за јавни набавки на УК за радиотерапија и онкологија напорно работи да ги заврши сите процедури во најбрз можен рок, за да може да се потпишат договорите со дистрибутерите и лековите да се достават на УК за радиотерапија и онкологија до крајот на неделава“, соопштија од Клиниката.
Пациентките здруженија реагираа зашто доцни тендерот кога пари има. Здравството има хронични проблеми, а добива козметички интервенции, вели поранешниот министер за здравство Драган Даниловски.
Даниловски смета дека треба да се воспостави електронски систем со кој во реално време ќе се следат залихите од страна на директорот на клиниката, на Фондот за здравство и министерот за здравство. Вели, мора да има јасни рокови и санкции за ненавремени тендери. Но да има и регулација и надзор на дополнителната дејност за да се спречи конфликт на интереси и корупцијата.
На здравствениот кадар треба да им се обезбедат услови за професионален развој, но најважно е да се направи департизација, е ставот на професорот Даниловски.
Наташа Јанчиќ-Менковски
