Објавувањето на цените генерално се почитува, но има пропусти
Инспекторите во контрола, граѓаните со поделени мислења за транспарентното објавување на цените. Дали пребарувањето одзема многу време, наместо да го олесни купувањето. Информатичарите велат потребно е усовршување на веб страниците на трговците за поголема достапност на потрошувачите...

Одлуката за транспарентно објавување на цените на сите производи од страна на трговските друштва генерално се почитува, но има пропусти и опомени од Пазарниот инспекторат. 30-тина инспектори викендов извршиле контроли во малите, средни и големите маркети, фармацевтски и земјоделски аптеки, салони за мебел и бела техника. Потрошувачите со поделени мислења – едни велат ќе заштедат време, други со забелешка за појасно објавување на онлајн цените, а трети дека ќе ја зголеми конкурентноста.
Доцниме со одлуката за транспарентност на цените во споредба со земјите од соседството, но сериозните компании ја применуваат уште пред да се донесе – вели Александар Савов, управител на ИТ компанија. Според него потребно е усовршување на веб-страниците за поголема достапност на потрошувачите. Креирањето на веб страниците не одзема многу време, а и ажурирањето е едноставно – додава тој.
Казните за непочитување на одлуката за транспарентно објавување се од 1.000 до 10.000 евра, а целта е заштита на животниот стандард на потрошувачите.
Предлогот беше поднесен од група пратеници, изгласан на почетокот на март, а стапи на сила пред три дена.
Александра Велинова
