Македонија

Кражба во домот на Битиќи- одземен сеф со злато, пари и рачни часовници

22.04.2025 14:44

Поранешниот вицепремиер за економски прашања за МТВ потврди дека во полиција пријавил оти непознати сторители во раните утрински часови изнеле сеф со злато, пари и рачни часовници во вредност од околу 50 илјади евра. Во неговиот дом било влезено со употреба на сила и соодветен алат, одземени се пари и други вредни предмети, па дури и документи со доверливи информации.

Кражба во домот на пратеникот и поранешен потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи во Бутел. Поранешниот вицепремиер за економски прашања за МТВ потврди дека во полиција пријавил оти непознати сторители во раните утрински часови изнеле сеф со злато, пари и рачни часовници во вредност од околу 50 илјади евра. Во неговиот дом било влезено со употреба на сила и соодветен алат, одземени се пари и други вредни предмети, па дури и документи со доверливи информации.

Тешката кражба се случила во 03:20 минути наутро. Од домот на поранешниот заменик премиер, а пратеник на СДСМ, украдени се златни предмети. Од металната сеф каса украдени се часовници.

Настанот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи. Од таму велат дека се преземаат мерки за фаќање на сторителот или сторителите.

„На 21.04.2025 во 11.40 часот во СВР-Скопје, Ф.Б.(49) од Скопје пријавил дека во периодот од 07.30 часот на 18.04.2025 до 03.00 часот на 21.04.2025, со употреба на сила и соодветен алат било влезено во неговиот дом на подрачјето на Бутел во Скопје и биле одземени пари и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Битиќи не сакаше да споделува повеќе информации, само кратко ни одговори дека очекува надлежните да си ја завршат работата и да ги фатат крадците.

Александра Спировска