Политика

Демократското движење, Беса и Алтернатива се фузираат во една партија

22.04.2025 16:43

Алијанса за Албанците на Арбен Таравари дефинитивно нема да биде дел од партијата која тежнее кон единство, и која сепарирањето на министерот за здравство го протолкува како кокетирање со опозициската ДУИ. По прозивките од Меџити, Ибрахими и Касами, Таравари призна дека телефонски разговарал со Ахмети за поддршка во вториот круг од локалните избори...

Нов субјект на македонската политичката сцена. Демократското движење, Беса и Алтернатива кои сега функционираат како коалиција „Вреди“ се фузираат во една партија. Името сè уште не е договорено, ниту пак деталите треба да произлезат по формирањето на 23-членото претседателство. На есенското одмерување на силите на локалните избори, новиот субјект ќе настапи со своја советничка листа и кандидати за градоначалници.

Алијанса за Албанците на Арбен Таравари дефинитивно нема да биде дел од партијата која тежнее кон единство, и која сепарирањето на министерот за здравство го протолкува како кокетирање со опозициската ДУИ. По прозивките од Меџити, Ибрахими и Касами, Таравари призна дека телефонски разговарал со Ахмети за поддршка во вториот круг од локалните избори, но најави и дека е заинтересиран да остане во Владата.

И Движењето ЗНАМ на низок старт. Почнуваат предизборно екипирање. Ќе трчаат со свои листи за советници, а со ВМРО-ДПМНЕ преговараат за меѓусебна поддршка на кандидатите за градоначалници.

Каков и да е исходот од разговорите на премиерот Мицкоски со коалициските партнери, од „Илинденска“ тврдат дека Владата функционира и дека не е загрозено парламентарното мнозинство.

Анита Димитријевска – Велковска