Обвинителството оформи предмет за депонирањето на пепелта во РЕК Битола
Од најголемиот рударско-енергетски комбинат велат дека според дадените препораки, целосно е отстранета пепелта од депонијата. Извршено е и мерење на амбиенталниот воздух од акредитирана лабораторија...

Јавното обвинителство оформи предмет и заедно со Инспекторатот за животна средина истражува дали РЕК Битола врши депонирање на пепелта согласно еколошката дозвола и прописите за заштита на животна средина.
По издадената наредба од страна јавен обвинител до СВР Битола за вршење увид на самото место и утврдување на фактите за евентуално постоење на кривично дело кое се гони по службена должност, извршен е вонреден инспекциски надзор од страна на Инспекторатот за заштита на животна средина.
„Надзорот беше извршен и беа утврдени определени недостатоци во однос на мерките за спречување и намалување на емисијата на прашина/ пепел на одлагалиштето за пепел, поради што ДИЗЖС наложил на РЕК Битола да ги отстрани утврдените недостатоци и да достави резултати за извршени мерења на амбиенталниот воздух на одлагалиштето за пепел во рок од 30 дена од извршениот надзор“, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Од најголемиот рударско-енергетски комбинат велат дека според дадените препораки, целосно е отстранета пепелта од депонијата. Извршено е и мерење на амбиенталниот воздух од акредитирана лабораторија. Од РЕК велат дека извештајот покажал дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за концентрација на суспендирани ПМ10 честички.
По истекот на 30-дневниот рок, РЕК Битола е должна да го извести ОЈО Битола за преземените мерки и добиените резултати, со цел процена на потребата и основаноста за понатамошно постапување, велат од Обвинителството.
Александра Максимовска
