Украина

Зеленски подготвен за разговори со Москва

23.04.2025 09:00

Од друга страна, Кремљ посочува дека засега нема конкретни детали за можните контакти меѓу Москва и Киев и на кое ниво тие би можеле да се случат...

Најмалку едно лице загина, а 23 се повредени во руски напад во областа Запорожје, соопштија украинските власти. Од друга страна, Кремљ посочува дека засега нема конкретни детали за можните контакти меѓу Москва и Киев и на кое ниво тие би можеле да се случат. Претседателот Зеленски вели дека Украина е подготвена за разговори со Русија во кој било формат по прекинот на огнот.

„Во наредните денови Украина ќе ја интензивира својата дипломатска работа, не само на европскиот континент. Ќе имаме средба со претседавачот на Г-20, претседателот Рамафоса од Јужна Африка. Ќе се сретнам со претседателот на Полска во формат на Самитот на три мориња. Ќе се сретнеме со претседателот на Чешката Република. Официјално ќе учествуваме на збогувањето со папата Франциско. Ќе имаме и важна средба со премиерот на Шпанија и состанок на нашиот тим во Лондон во формат на Европа, и тоа Франција, Британија, Германија, Украина и Соединетите Американски Држави“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од Белата куќа велат дека преговорите за примирје напредуваат.

„Се надеваме дека се движиме во вистинската насока. А специјалниот пратеник, Стив Виткоф, повторно ќе замине за Русија подоцна оваа недела за да ги продолжи разговорите со Владимир Путин“, изјави Каролин Левит, портпарол на Белата куќа.

Зеленски повтори дека Украина никогаш нема да ја признае окупацијата на Крим или други територии, велејќи дека таквите отстапки се надвор од уставот на земјата.