Ватикан

Папата ќе биде погребан во сабота

23.04.2025 09:57

Посмртните останки на неговата светост, папата Франциск пренесени до базиликата „Свети Петар“. Верниците можат да му оддадат последна почит пред погребот закажан за в сабота, 26 април. На погребната церемонија во Ватикан се очекуваат над 200.000 луѓе. Бројни шефови на држави и влади и кралски членови го потврдија присуството.

Се очекува десетици илјади луѓе да му оддадат последна почит на неговата светост пред погребот в сабота, на 26 април. На погребната церемонија своето присуство го потврдија американскиот претседател Трамп, украинскиот Зеленски, францускиот претседател Макрон, принцот Вилијам и премиерот Кир Стармер, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кралот Фелипе Шести и кралицата Летиција и многу други.

„Тој направи промени што ќе останат во сеќавањето на сите католици, а пред сè неговите постапки ќе отворат нови дискусии, нов однос на Црквата кон Божјиот народ“, изјави Педро Маркес, свештеник од Португалија.

„Ги чувствувам емоциите од тоа што тој секогаш го бараше од нас, да не заборавиме да се молиме за него“, изјави Инес Рамирез, калуѓерка од Ел Салвадор.

„Важно е да се биде овде затоа што мораме да останеме блиску до личноста која беше голем човек. Тој направи многу за човештвото, затоа мораме да бидеме тука. Тој не сакаше и затоа мораме да му ја возвратиме љубовта што ни ја даде“, рече Андреа Сасанели, верник.

За разлика од повеќето папи, последното почивалиште на Франциск нема да биде во базиликата Свети Петар, бидејќи тој побара да биде погребан во значително помалата базилика Санта Марија Маџоре. Во меѓувреме, 135 кардинали од сите континенти се собираат во Ватикан да присуствуваат на погребот и општите конгрегации, пред конклавата на која ќе биде избран новиот поглавар. Изборот на новиот понтиф ќе се случи по погребот на Франциск.

„Сакаме да му се заблагодариме на Господа за даровите што и ги даде на целата Црква со апостолската служба на папата Франциск, аџија на надежта“, изјави Кардинал Џовани Батиста Ре, декан на колеџот на кардинали.

Неговата светост беше првиот папа со потекло од Јужна Америка. Почина од мозочен удар и срцева слабост на 88-годишна возраст, во момент додека закрепнуваше од двојна пневмонија. Во мај 2019, папата Франциск беше во историска посета на земјава.

 

Маријана Димовска