Ватикан

Последна почит за папата Франциск

23.04.2025 14:53

Посмртните останки на неговата светост, папата Франциск пренесени во базиликата “Свети Петар“. Верниците можат да му оддадат последна почит пред погребот закажан за в сабота, 26-ти април. На погребната церемонија во Ватикан се очекуваат над 200.000 луѓе. Бројни шефови на држави и влади и членови на кралски семејства го потврдија присуството...

Верниците имаат можност да му оддадат последна почит на папата Франциск. Телото на неговата светост во процесија беше пренесено од гостинската куќа „Санта Марта“ во базиликата „Свети Петар“ каде што ќе биде изложено во отворен ковчег три дена, пред погребот во сабота на 26-ти април. За разлика од повеќето папи, последното почивалиште на Франциск нема да биде во базиликата Свети Петар, бидејќи тој побара да биде погребан во значително помалата базилика „Санта Марија Маџоре“.

„Драги браќа и сестри, со длабока тага ги придружуваме посмртните останки на нашиот папа Франциск до базиликата во Ватикан. Додека го напуштаме неговиот дом, да му заблагодариме на Господа за безбројните дарови што му ги подари на христијанскиот народ преку својот слуга, папата Франциск. Да го замолиме да му подари на починатиот папа вечен дом во царството небесно и со небесна надеж да ги утеши папското семејство, црквата и верниците во светот“, изјави Кардинал Кевин Џозеф Фарел.

Во меѓувреме, 135 кардинали од сите континенти се собраа во Ватикан да присуствуваат на погребот и општите конгрегации, пред конклавата на која ќе биде избран новиот поглавар. Изборот на новиот Понтиф ќе се случи по погребот на Франциск. Според познавачите, изборот на новиот папа ќе биде непредвидлив процес.

„Тој беше некој што за мене претставуваше момент на промена на христијанската вера што треба да ја споделиме“.

„Чувство на тага, емоции, дека папата повеќе не е со нас. Папата беше многу близок со младите и со луѓето од Латинска Америка“.

На погребната церемонија во Ватикан се очекуваат над 200.000 луѓе. Присуството го потврдија американскиот претседател Трамп, украинскиот Зеленски, францускиот претседател Макрон, принцот Вилијам и премиерот Кир Стармер, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, Кралот Фелипе Шести и кралицата Летиција и многу други.

„Ги чувствувам емоциите од она што тој секогаш го бараше од нас, да не заборавиме да се молиме за него“, изјави Андреа Сасанели, верник“, изјави Инес Рамирез, калуѓерка од Ел Салвадор.

„Важно е да се биде овде затоа што мораме да останеме блиску до личноста која беше голем човек. Тој направи многу за човештвото, затоа мораме да бидеме тука. Тој не сакаше и затоа мораме да му ја возвратиме љубовта што ни ја даде“, изјави Андреа Сасанели, верник.

Неговата светост беше првиот папа со потекло од Јужна Америка. Почина од мозочен удар и срцева слабост на 88 годишна возраст, во момент додека закрепнуваше од двојна пневмонија.

 

Маријана Димовска