Македонија

Полициска акција за злоупотреби во ФЗОМ

23.04.2025 12:22

Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство…

Обемна полициска операција спроведува МВР под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на територија на повеќе градови низ земјава, насочена кон сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем.

Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство. Дијагнози се овозможувале за аплицирање, добивање и користење на финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.

Со акцијата, неофицијално, опфатени се неколку десетици осомничени, а станува збор за предмет што ОЈО ГОКК го има работено подолг временски период. Во предистрагата користени се посебни истражни мерки со кои биле регистрирани директни контакти меѓу осомничените и примање и давање поткуп.