Свет

Мировните преговори за Украина во застој

23.04.2025 12:41

Британските медиуми јавуваат за одложување на закажаните разговори во Лондон. Наместо државниот секретар Рубио, генералот Кит Келог, емисарот на Трамп за Украина, треба да ја предводи американската делегација. Причината за наводниот застој е во американскиот план, Крим останува руски, под контрола на Москва се окупираните подрачја или речиси една третина од Украина. Вашингтон појаснува, разговорите имаа технички карактер. По велигденското примирје, руските сили продолжија засилено да ги бомбардираат со артилерија и дронови Одеса, Херсон, Дњепропетровск…

Се повлекоа повеќе дипломати, откако протекоа информациите за американскиот план за Украина. Во отсуство на неофицијални информации, учеството го откажал британскиот секретар за надворешни Дејвид Леми, откако и неговиот американски колега Рубио не дојде на разговорите. Не присуствува и Јермак, преговарачот на Зеленски, којшто напиша на социјалните мрежи: И покрај сè ќе работиме на мирот. Запад е вознемирен по предлогот на Трамп, полуостровот Крим и окупираните подрачја да останат под руска власт, нема влез за Киев во НАТО.

„Потрошивме многу време за предлогот до Русите и Украинците, време е да се изјаснат или САД се повлекува од мировниот процес. Ова не е финален чекор, важно е да се замрзне убивањето, да се дојде до територијално разграничување, а потоа преку дипломатија да се дојде до долгорочен мир“, изјави Џејмс Дејвид Венс-потпретседател на САД.

Украина никогаш нема да ја признае окупацијата на Крим, одговори Зеленски. На Американците им се брза, не може неколкугодишна војна да се реши во еден ден.

„Ова е игра на Путин, не е на Трамп. Украина нема и никогаш не ќе ја признае окупацијата на Крим. Ова е дел од нашиот Устав. Тоа е наша територија. Не можеме едноставно да кажеме: зошто да не го предадеме? Тоа нема да се случи“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Сепак Трамп не се откажува толку лесно од мирот во Украина, во наредната недела специјалниот пратеник Виткоф е повторно во Русија.

„Доаѓам од овалната канцеларија и можам да кажам, претседателот Трамп и Виткоф им порачуваат на сите-преговорите продолжуваат. Се надеваме во вистинска насока“, изјави Керолајн Левит, прес-секретарка на Белата куќа.

На фронтот, руската војска ја продолжува офанзивата. Херсон, Одеса, Дњепропетровск се целите на постојаната канонада на артилеријата и на експлозивните дронови.

„Слушнавме страшен звук, и се летна во воздух. Ја грабнав баба ми, едвај се движи и побегнавме од местото што беше целото во оган“, рече Наталија Јарошенко – жителка на Полтава.

Во местото Марганец, во Дњепропетровската област дрон уништи автобус со работници. Деветмина загинаа, дузина се повредени.

Зоран Богатинов