Муртезани: Реформите не се услов, туку обврска кон граѓаните
Во своето излагање, министерот Муртезани ја нагласи суштината на Реформската агенда 2024–2027 како инструмент за градење поправедно, потранспарентно и поодржливо општество, не само како чекор кон приближување кон Европската Унија, туку како одговор на реалните потреби на граѓаните.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска се обрати на тркалезната маса насловена „Овластување на промената: Разбирање на Реформската агенда и нејзината улога во иднината на Северна Македонија“, што се одржа во Владата на Република Северна Македонија.
Во своето излагање, министерот Муртезани ја нагласи суштината на Реформската агенда 2024–2027 како инструмент за градење поправедно, потранспарентно и поодржливо општество, не само како чекор кон приближување кон Европската Унија, туку како одговор на реалните потреби на граѓаните.
„Реформската агенда не е само документ. Таа е концептуална рамка за редефинирање на институционалната логика на државата како и начин да се премостат системските празнини меѓу законот и правдата, меѓу политиката и јавниот интерес, меѓу економските политики и човечкиот развој“ – истакна во своето обраќање министерот Муртезани.
