Бизнис заедницата помага во подобрување на условите во високото образование
На настанот организиран по повод отстапувањето на опремата се обрати и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ја повика бизнис заедницата повеќе да учествува во подобрување на условите во образовниот систем во Македонија, а особено во високото образование...

Машинскиот факултет во Скопје доби современа индустриска опрема наменета за Лабораторијата за производни технологии и процеси. Станува збор за металорежачки ЦНЦ машини во вредност од 72 илјади евра кои ги отстапува компанијата ЛТХ Леарница Охрид, со што значително се подобрува практичната настава за студентите.
На настанот организиран по повод отстапувањето на опремата се обрати и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ја повика бизнис заедницата повеќе да учествува во подобрување на условите во образовниот систем во Македонија, а особено во високото образование.
„Општеството има потреба од инженери, добро обучени, кои би можеле веднаш да се вклучат во работните процеси на компаниите. За да се создаде токму таков подготвен кадар, неопходна е соработка помеѓу високото образование и бизнис секторот. Тука таа соработка ја гледаме и можам да ја посочам како пример и да упатам јавен повик за што повеќе факултети и компании да се вмрежуваат. Тоа значи јакнење на образовниот, но и на индустрискиот систем во државата“, рече Јаневска.
Потенцираше дека синергијата помеѓу приватниот сектор и академската заедница носи придобивки за целото општество. Инвестициите во модерни образовни алатки без разлика од каде доаѓаат, не е само инвестирање во инфраструктура, туку и во иднината на младите генерации.
