Се зголемува бројот на дуални паралелки, стручното образование во фокус
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска соопшти дека бројот на дуални паралелки во училиштата е зголемен согласно анализата на пазарот на трудот во општините, и во зависност од тоа колку компании се заинтересирани.

Од предвидени 27.600 места за упис во прва година средно образование, 7.900 се слободни за гимназии, а околу 18.000 за стручни училишта, од кои 6.700 за дуалното образование. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска соопшти дека бројот на дуални паралелки во училиштата е зголемен согласно анализата на пазарот на трудот во општините, и во зависност од тоа колку компании се заинтересирани.
„Но, секако, тој процес се подобрува и очекувам оваа година да биде на навистина задоволително ниво. Се зголемува и бројот на компании, над 550 компании веќе се активно вклучени, по завршување на конкурсот ќе видиме уште колку други ќе се вклучат. Но, според информациите кои ги добивам, постои заинтересираност за дуалните паралелки“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Буџетот за наука оваа година е речиси двојно зголемен во споредба со лани и изнесува 680 милиони денари. Имаме извоз на мозоци и недостиг на работна сила и тоа е проблем кој мора да се решава, рече Јаневска.
Понудата на работната сила мора да соодветствува со побарувачката на компаниите. Леарница денеска отстапи современа индустриска опрема во вредност од 72.000 евра на Машинскиот факултет во Скопје, во корист на значително подобрување на практичната настава за студентите.
Општеството има потреба од добро обучени инженери, кои би можеле веднаш да се вклучат во работните процеси на компаниите. За да се создаде подготвен кадар, неопходна е соработка помеѓу високото образование и бизнис-секторот.
Министерката Јаневска упати јавен повик за што повеќе факултети и компании да се вмрежуваат. Тоа значи јакнење на образовниот, но и на индустрискиот систем во државата.
Александра Спировска
