Охрид

Американската пијанистка Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. „Охридско лето“

23.04.2025 16:48

Американската пијанистка Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. „Охридско лето“. Организаторите најавуваат богата музичко сценска програма за 65-то јубилејно издание на фестивалот…

Музичко визуелно доживување со импресивни видеопроекции и најсовремени визуелни технологии под наслов „Трансформација на сетилата“ ќе биде спектаклот на Античкиот театар, кој ќе го означи почетокот на јубилејното 65-то издание на фестивалот Охридско лето.

Фестивалот годинава за првпат излегува од рамките на познатите сцени, на 3-ти август на стадионот „Билјанини извори“ ќе го организира мега спектаклот Кармина Бурана – во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена со српски диџеи.

„На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување. При конципирањето на програмата запазени се највисоките критериуми на фестивалот со што со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид“, истакна директорот Ѓорѓи Цуцковски.

„Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореноста кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја, кажа министерот Зоран Љутков.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ годинава ќе понуди 29 музички настани. Драмската 8 претстави, свој белег ќе остават повеќе од 300 уметници.

„Програмата ја изработивме со огромен и интензивен ангажман, во тесна и секојдневна соработка со сите засегнати страни и институции, постојана размена на идеи и информации, како и детално усогласување на музичко-културните аспекти“, рече Симона Ѓорчева, музичката програма

„Оваа година во драмската програма ќе имаме чест да проследиме мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар, постановки на мајстори на режисерскиот занает“, истакна драмскиот селектор Ненад Витанов.

„Охридско лето“ не е само културна манифестација, фестивалот е двигател на туризмот, богатата програма и оваа година ќе привлече илјадници посетители.

Соња Рилковска