Турција

Земјотрес со јачина од 6,2 степени ја погоди Турција, епицентарот во близина на Истанбул

23.04.2025 15:53

Силен земјотрес го стресе Истанбул. 6,2 степена со епицентар во Мраморно море. Нема информации за загинати и повредени …

Шокот на водителката на вестите на турската телевизија ја покажа паниката која настана по кратката но силна серија од земјотреси, најсилниот од над 6 степени по Рихтер.

Иако потресот беше во областа Мармара кај Истанбул, во турскиот мегалополис метеж и масовно напуштање на домовите. Улиците се преполнија поради стравот настанат околу еден часот попладнево, според локално време.

„Живеам на четвртиот кат. Се тресеа столовите во кујната и ние со нив. Ќерка ми беше до мене, излетавме веднаш од зградата“, рече жителка на Истанбул.

„На дваесетти кат сме, спортувавме со студентите. Сè се тресеше околу нас. Не разбравме отпрвин што се случува, беше многу страшно“, изјави Лејла Учар, жителка на Истанбул.

„Го почувствувавме земјотресот, бевме во возилото, кога застанавме почна многу да се тресе. Истовремено, соседите почнаа да бегаат од зградата. Сите беа во паника. И бегаа кон отворените простори“, рече друг.

Земјотресот бил на речиси седум километри длабочина. Иако земјата засега е смирена, граѓаните останаа во парковите и ги бараат своите најблиски. Според првичните извештаи нема информации за жртви или повредени или за поголема материјална штета. Истанбул неколкупати низ историјата бил погоден од разорни земјотреси. Најстрашниот во историјата се случил во 1509 година и е познат како „мала апокалипса“.

Ана Јосифоска