Ердоган најави нова ера за Турција
Успехот на Ердоган е во поврзувањето на религиозниот институционализам со економскиот развој...

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган победи во првиот круг претседателски избори во земјата со што стана првиот претседател избран од народот. Во обраќањето до нацијата го најави новото време за Турција. Ги поздрави гласачите и порача дека ќе работи за народот, земјата и поголема демократија. Сите се задоволни во Сараево, во Скопје, во нашите братски држави, во Техеран, изјави првиот турски претседател избран од народот.
„Денес е денот кога Турција се издигна од пепелта. Денот кога се поставија темелите на новата Турција. Сакам да потенцирам дека јас ќе бидам претседател на сите 77 милиони луѓе, а не само на оние коишто гласаа за мене“, нагласи новиот претседател на Турција.
Прославата на приврзаниците на Ердоган од улиците се пренесе и на насловните страници на турските медиуми коишто се под контрола на владата. Турција стана регионална силаблагодарение на Ердоган којшто ја трансформираше секуларната република каква што ја создаде Мустафа Кемал Ататурк. Успехот на Ердоган е во поврзувањето на религиозниот институционализам со економскиот развој.
„Мислам дека победата на Ердоган е најдобро нешто за Турција. Активниот претседател е добар претседател“, вели жител на Истанбул.
Критичарите велат дека Ердоган како претседател со корени во политичкиот ислам и без толеранција кон неистомислениците уште повеќе ќе ја оддалечи земјата од секуларните идеали на Ататурк. Во поглед на надворешната политика, во фокусот и натаму ќе бидат запрените односи со Брисел како и заладените односи со Египет и Саудиска Арабија на коишто не им се допадна поддршката на Ердоган за исламистите за време на Арапската пролет.
Новиот турски претседател којшто ќе стапи должност на 28 август има намера да го смени уставот на земјата,а ако освои и втор претседателски мандат, би можел да владее со земјата до 2024 година.
Марина Автовска
