Голема полициска акција за сторени кривични дела на штета на Фондот за здравство
Доктори, адвокати, членови на комисија на ПИОМ, вешто лице, управител на консултантско биро – се сомничат дека издавале лажни дијагнози и им помагале на осигурениците незаконски да добијат финансиска помош за туѓа нега и да стекнат право за инвалидска пензија...

Доктори, адвокати, членови на комисија на ПИОМ, вешто лице, управител на консултантско биро – се сомничат дека издавале лажни дијагнози и им помагале на осигурениците незаконски да добијат финансиска помош за туѓа нега и да стекнат право за инвалидска пензија.
Полицијата направила претреси на 20-тина локации низ државата, осомничени се 50-тина лица. Се товарат за повеќе кривични дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување, помагање, примање и давање поткуп, примање награди.
„Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведува акција на повеќе локации низ државата. Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство, со оглед на обемот на акцијата повеќе информации ќе бидат споделени по нејзиното завршување“, изјави Гоце Андреевски – портпарол на МВР.
Дел од претресите се извршени на домашна адреса на осомничените, а дел во здравствени ординации, адвокатски канцеларии, во канцеларии на доктори во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во болниците во Тетово и во Велес.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во кусо соопштение само информираа за координираната акција со полицијата и посочија дека со злоупотребите била нанесена штета на Фондот за здравствено осигурување. Детали ќе бидат споделени по завршувањето на акцијата.
Андријана Ѓурческа
