Фудбал

Почина Владимир Беара, еден од најдобрите голмани во историјата

11.08.2014 13:18

Речиси цела деценија го носеше дресот на поранешна Југославија во периодот од 1950 – 59 година, во кој има остварено 59 репрезентативни настапи...

Фудбалскиот свет остана без уште едно големо име.Откако претходно во текот на годината во легендите заминаа Португалецот Еузебио и Аргентинецот Алфредо Ди Стефано, доцна синоќа во клиниката во Сплит во својата 86 година од животот почина Владимир Беара, еден од најдобрите европски голмани во периодот по Втората светска војна. Речиси цела деценија го носеше дресот на поранешна Југославија во периодот од 1950 – 59 година, во кој има остварено 59 репрезентативни настапи. Иако има учествувано на три Светски првенства, во Бразил 1950, во Швајцарија 1954 и во Шведска 1958 година, за највисок дострел се смета сребрениот трофеј на Олимписките игри во 1952 година во Хелсинки, кога тогашна СФРЈ по победата во полуфиналето над СР Германија, во финалето загубила од Унгарија, а Беара успеал да му одбрани пенал на Ференц Пушкаш.

На клупски план најмногу натпревари има за својот омилен Хајдук, со кој во осумгодишниот период од 1947 -55 година освоил три шампионски титули. Според многумина тоа е најталентираната генерација во историјата на клубот во која Беара беше вистински предводник со Бернард Вукас и Фране Матошиќ. Уште 4 првенствени и два куп трофеи придодава со Црвена Звезда во која престојува од 1955 – 60 година, а потоа кариерата ја продолжува во Германија– три сезони во Алеманија Ахен и една во Викторија Келн. Бранеше за “ црвено белите “ против Манчестер Јунајтед во последниот меч на англискиот клуб пред трагедијата во Минхен во 1958 година.

Во следните 23 години Беара се занимаваше со тренерската работа во Германија, Холандија Австрија и во Хрватска, а две години беше и селектор на Камерун, од 1973 до 75 година. Како најзначајно постигнување самиот го потенцира триумфот на Хајдук во државното првенство во 1971 година, кога беше дел од стручниот штаб на сплитските „бели“ во првата титула за клубот по неговото заминување во 1955 година. Во Сплит ги живееше пензионерските денови, а беше меѓу најредовните присутни на натпреварите на Хајдук.

Можеби најголем комплимент кој ја илустрира големината на Владимир Беара како голман се зборовите на големиот советски ас од тој период Лав Јашин, кој во 1963 година изјавил – “не јас, туку Беара е најдобриот голман во историјата“.