воен конфликт

Војната во Украина не запира, голем руски напад врз Киев

24.04.2025 09:33

Војната во Украина не запира. Киев одново на удар на руски ракети и беспилотни летала. Најмалку девет лица загинаа, десетици се ранети, меѓу жртвите и повредените има деца. Американскиот претседател уверува дека има договор со Путин за ставање крај на војната, но призна дека соработката со зеленски е потешка од очекуваното...

Киев повторно на удар на руски ракети и беспилотни летала. Десетмина загинати и десетици ранети, меѓу жртвите и повредените има деца, соопштија властите. Пријавени се пожари во неколку станбени згради. Експлозии и во Харков, кој е честа цел на руски напади.

„Мајка ми оваа година ќе наполнеше 85 години. Синоќа Русија повторно ја нападна нашата Украина и проектил ја погоди нашата куќа и мајка ми почина. Ја мразам Русија, го мразам нивниот претседател“.

„Почна тревогата за воздушен напад, потоа слушнав силна експлозија. Почнав да ги пакувам работите и повторно се случи експлозија, светлото се изгасна, се обидов да ја отворам вратата, уште една експлозија и веројатно парче стакло во вратата ми ја повреди главата“.

„Какви мировни преговори може да има ако Путин не прави ништо за тоа, апсолутно ништо. Единствено нешто што тој рече е дека нема да има гранатирање на Велигден и тоа е тоа. Искрено не знам ни како ќе заврши сето ова, тоа е многу страшно“.

„Немав време да излезам кога се случи експлозијата. Соседната куќа беше уништена, а се во нашата куќа само одлета“.

„Мојот сопруг е на воена служба, така што не верувам во мир“.

Шефот на Белата куќа верува дека има договор со Путин за ставање крај на војната во Украина, но призна дека соработката со Зеленски е потешка од очекуваното. Украинскиот претседател ја отфрли можноста за отстапување територија на Москва во каков било договор пред разговорите закажани во Лондон меѓу американските, европските и украинските претставници, по што наместо на високо, се одржа состанок на пониско ниво.

„Тоа е жестока војна. И ако можам да помогнам да се реши, знаете, ние не ги губиме нашите војници, туку губиме војници, многу луѓе. И ако можам да го решам, тоа би било одлично. Мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да постигнеме договор со Зеленски. Мислев дека е полесно да се справам со Зеленски, но досега беше потешко“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп ќе присуствува на погребот на папата Франциск во Ватикан, а потоа ќе отпатува на Блискиот Исток. Не се исклучени средби со претседателите Зеленски и Путин, но поверојатно е дека средбата со рускиот лидер ќе се случи наскоро по патувањето.

 

Маријана Димовска