Ватикан

Верниците му оддаваат почит на папата

24.04.2025 14:00

Светиот престол се подготвува за погребот на папата Франциск што ќе се одржи в сабота. Најавено присуство на повеќе од 200 илјади луѓе. Од светските лидери, во Ватикан ќе пристигнат американскиот претседател Трамп, украинскиот Зеленски, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Базиликата Свети Петар остана отворена и во текот на ноќта, за да им се овозможи на илјадниците верници да му оддадат почит на папата Франциск...

Долги редици пред базиликата „Свети Петар“ во Рим каде што е положено телото на папата Франциск. Уште од рани зори верници од целиот свет чекаат и по неколку часа да му оддадат почит на омилениот папа. Поради големиот број присутни, властите на Ватикан решија вратите на базиликата да ги остават отворени преку целата ноќ.

„Мислам дека навистина е важно да се биде овде, да ја покажеме нашата почит. Пристигнавме од Даблин минатата ноќ, тука сме еден ден и вечер се враќаме дома. Чувствував дека е многу важно да бидеме овде“, изјави Роберт Хили – аџија од Ирска.

„Дојдов да го поздравам папата Франциск, бидејќи е наш папа, татко на црквата, но и татко на целото човештво поради тоа што тој беше близок со луѓето, со угнетените, со оние на кои најмногу им требаше“, изјави Бланка Морено де Бареда – аџија од Шпанија.

„Дојдовме да го видиме, да му одадеме последна почит, да го видиме неговото тело, да се молиме за него и да бидеме во единство со светата црква“, изјави отец Алекс Мугаласи – свештеник од Уганда.

Во Ватикан течат подготовките за погребот закажан за в сабота. На погребната церемонија се очекува да присуствуваат над 200 илјади луѓе. Многу шефови на држави и влади и членови на кралски семејства го потврдија присуството. На погребот ќе има и претставници на мигрантите, бездомници, затвореници – оние на кои аргентинскиот понтиф им посвети огромен дел од своето црковно дејствување. Кардиналите по втор пат се состанаа за да ги усогласат плановите за погребот.

„Очекувам божјата волја да реши“, изјави Клаудио Гуџероти- кардинал.

„Ние не одлучивме ништо за сите тие работи, извинете“, изјави Жан-пол Веско -кардинал.

„Јас сум на заминување, имам повеќе од осумдесет, не влегувам во конклавата“, рече Норберто Ривера Карера -кардинал.

Папата Франциск почина на 88-годишна возраст. Од овој свет замина токму на најсветиот празник за христијаните – Велигден. Важеше за понтиф кој се грижи за сиромашните и маргинализираните групи. Често шокираше со неговите либерални ставови, несвојствени за римокатоличката црква. Папата Франциск непосредно пред смртта наредил донација од 200 илјади евра од неговата лична сметка за поддршка на малолетничките во затворите.

 

Маја Стојанова